Muhammet İkbal Arslan
21 Ноември 2025•Ажурирај: 25 Ноември 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролот на Меѓународниот детски фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Рикардо Пирес, извести дека по 2 деца се убиваат во просек дневно во израелските напади врз Газа откако прекинот на огнот стапи на сила на 11 октомври, известува Анадолу.
Пирес се обрати на прес-конференција на Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева.
Потсетувајќи дека и покрај прекинот на огнот, едно девојче било убиено вчера во израелски воздушен напад врз Хан Јунис, во јужна Газа, а ден претходно биле убиени 7 деца во градот Газа, Пирес истакна:
„Од 11 октомври, кога стапи на сила прекинот на огнот, најмалку 67 деца се убиени, а десетици се повредени во инциденти (израелски напади) поврзани со конфликтот во Појасот Газа. Ова значи дека по 2 деца се убиваат во просек секој ден откако стапи на сила прекинот на огнот.“
Пирес рече дека овие бројки не се само статистика, секое од тие деца имале семејството и соништа.
Потенцирајќи дека на децата во Газа им се наметнува сурова реалност, Пирес продолжи со зборовите:
„Нема безбедно место за нив и светот не може да продолжи да ги нормализира нивните страдања.“
Пирес нагласи дека УНИЦЕФ спроведе голема интервенција во Газа, но дека тоа, сепак, сè уште не е доволно.
„Можевме да направиме многу повеќе доколку помошта и навистина потребната поддршка пристигнаа побрзо“, рече Пирес, истакнувајќи дека стотици илјади деца, особено оние што живеат во шатори, се соочуваат со сурови зимски услови.
Пирес рече дека децата во Газа се смрзнуваат минувајќи ја ноќта без греење, изолација и без ќебиња.
На едно прашање во врска со воздушните напади врз Појасот Газа, портпаролот на УНИЦЕФ, Пирес, во својот одговор потврди дека тие се извршени од израелската армија.