Adam Abu-bashal
12 Ноември 2021•Ажурирај: 15 Ноември 2021
АБУЏА
Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека Нигерија губи 8,9 милијарди долари годишно кога ќе се погледне економскиот товар на насилството врз децата, вклучувајќи ги тука и малолетните бракови, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ибрахим Сесе, службеник на УНИЦЕФ за заштита на децата на Нигерија, во главниот град Абуџа присуствуваше на промоцијата на книгата со наслов „Извештај за состојбата на нигериското девојче: Дијагностицирање на детските бракови и образованието на девојчињата во Нигерија“.
Сесе, во своето обраќање на промоцијата на книгата рече дека Нигерија е земја со најголем број детски бракови на африканскиот континент.
Посочувајќи дека детските бракови се еден од најголемите проблеми во Нигерија, Сесе истакна: „Кога ќе го погледнете насилството врз децата и економскиот товар на насилството, Нигерија губи 8,9 милијарди долари годишно поради насилството врз децата, вклучувајќи ги тука и детските бракови.“
Сесе информира дека започнале различни проекти против детските бракови, особено во државите Кацина и Гомбе во Нигерија.
Ибрахим Сесе истакна дека нигериската Влада и засегнатите страни треба да ги зајакнат механизмите за заштита на децата од сите форми на злоупотреба и штетни практики.