Burç Eruygur
04 Април 2023•Ажурирај: 05 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски разговараше со делегацијата на Претставничкиот дом на Конгресот на САД од Републиканската партија во врска со обезбедување натамошна помош за Киев, јавува Анадолу.
„Дводомната и двопартиска поддршка на САД, претседателот Џо Бајден и целиот американски народ одиграа одлучувачка улога во способноста на нашата земја да ѝ се спротивстави на Русија во војната за нашата слобода и демократски вредности“, рече Зеленски.
Во соопштението се вели дека Зеленски ѝ се заблагодарил на делегацијата предводена од шефот на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, Мајк Тарнер, за моќната помош на Вашингтон за Украина.
„Ќе победиме затоа што се бориме за нашата слобода и слободата на нашите деца. Високо ја цениме помошта што ни ја давате - не само за нашата армија, туку и за политичката и финансиска поддршка на украинскиот народ: наставници, медицински работници, пензионери“, изјави Зеленски.
Делегацијата беше информирана за состојбата на фронтот.
- Состанок со Помпео
Зеленски се состана и со делегација од политичари, бизнисмени и претставници на добротворни организации, предводена од поранешниот американски државен секретар Мајк Помпео.
„За жал, војната трае повеќе од една година и ни претставува задоволство што САД се со нас и се борат со нас за заеднички цели. Чувствуваме и двопартиска поддршка и поддршка од Белата куќа“, се вели во соопштението објавено од украинското Претседателство денес.
Во соопштението се вели дека Зеленски ги поканил американските бизниси активно да инвестираат во Украина.
„Инвестирајте во бизнисот, бидејќи бизнисот создава работни места. Ние сме заинтересирани за тоа луѓето да можат да најдат работа, а буџетот добива приходи за да ги зајакне нашите способности на бојното поле“, рекол Зеленски, според соопштението.
Се додава дека се разговарало и за голем број други актуелни прашања, вклучувајќи го процесот на пристапување на Украина во НАТО и важноста од натамошно зајакнување на санкциите и притисокот врз Русија.
„Владимир Зеленски ги истакна активностите на американските добротворни организации, чии претставници присуствуваа на состанокот, што се фокусираше на помошта на раселените лица, обнова на уништениот станбен фонд, обезбедување медицинска помош, обезбедување вода за пиење и храна за оние на кои им е најпотребна“, се заклучува во соопштението.