12 Јуни 2022•Ажурирај: 13 Јуни 2022
КОЛОНЧИНА (АА) - Додека руските тенкови и камиони беа во близина на нивното село, еден украински тинејџер и неговиот татко крадешкум го лансираа својот мал дрон во воздух, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Украинското момче стана херој на нацијата откако со својот дрон играчка ја откри руската Војска која се движеше кон Киев и која благодарение на него беше уништена.
Работејќи како тим, тие ја фотографирале колоната оклопни возила која се движела кон Киев и ги одредиле нејзините координати, брзо пренесувајќи вредни информации до украинската Војска.
За неколку минути, непријателските сили се нападнати.
Петнаесетгодишниот Андриј Покраса и неговиот татко Станислав за ова се прогласени за херои на нацијата.
Цела недела по инвазијата на 24 февруари, двајцата го пуштале дронот, ризикувајќи да бидат заробени или уште полошо, руските војници да го откријат нивното извидување.
„Ова беа некои од најстрашните моменти во мојот живот. На Вооружените сили им дадовме фотографии и локацијата“, рече Андриј.
Неговиот татко со задоволство му го препуштил „пилотирањето“ на момчето.
„Можам да управувам со дрон, но мојот син го прави тоа многу подобро. Веднаш одлучивме дека ќе го направи тоа“, рече Станислав Покраса (41).
Не се сигурни колку руски цели биле уништени користејќи ги информациите што ги дале. Но го виделе разорувањето врз рускиот конвој кога подоцна го летале дронот над јагленисаните камиони и тенкови во близина на градот западно од Киев и надвор од стратешки важниот автопат кој води до главниот град.
„Уништени се над 20 руски воени возила, меѓу кои и камиони за гориво и цистерни“, рече Станислав.
Додека руските и украинските сили жестоко се бореа за контрола над периферијата на Киев, украинските војници конечно го повикаа семејството Покраса да го напушти своето село, кое подоцна го зазедоа руските трупи.
Бидејќи сите возрасни мажи на возраст до 60 години мораа по налог на Владата да останат во земјата, таткото Покраса не можел да им се придружи на сопругата и на синот кога побегнале во соседна Полска.
Тие се вратија пред неколку недели, кога Андриј ја заврши учебната година.
„Бев среќен што уништивме некого. Среќен сум што придонесов, што можев да направам нешто. Не само да седам и да чекам“, додаде Андриј.