Beyza Binnur Dönmez
21 Април 2022•Ажурирај: 22 Април 2022
АНКАРА (АА) - Вицепремиерката на Украина денеска ја повика Русија да воспостави итен хуманитарен коридор за цивилите и повредените војници да ја напуштат опколената фабрика во Мариупол, „Азовстал“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Бараме од Русите итен хуманитарен коридор од фабриката во Мариупол, „Азовстал“!“, порача Ирена Верешчук преку Телеграм.
Таа истакна дека има околу 1.000 цивили и 500 повредени војници во фабриката „Азовстал“, и додаде: „Тие сите треба да бидат извлечени од „Азовстал“ денеска!“
„Ги повикувам светските лидери и меѓународната заедница да ги фокусираат нивните напори кон „Азовстал“. Сега ова е клучна точка и клучен момент за хуманитарните напори“, додаде таа.
Претходно, министерот за одбрана на Русија, Сергеј Шојгу, рече дека Руската армија ја презела контролата врз опколениот пристаништен град на Украина, Мариупол.
Шојгу предложи да се нападне фабриката „Азовстал“, последниот бастион на украинските војници, но претседателот Владимир Путин рече дека ѝ наредил на војската да ги откаже плановите за упад во неа.
Илјадници луѓе беа заробени во Мариупол во последните неколку дена со малку храна и вода откако руските сили го опколија градот.
Откако Русија ја започна војната на 24 февруари, смртната стапка на цивилите се искачи на 2.224, додека 2.897 беа повредени, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
„Повеќе од 5 милиони Украинци заминаа во други земји, а преку 7 милиони се внатрешно раселени“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН.