Nazir Aliyev Tayfur
29 Август 2022•Ажурирај: 30 Август 2022
КИЕВ (АА) – Градоначалникот на градот Енергодар во украинскиот регион Запорожје, Дмитриј Орлов, соопшти дека се бомбардирани станбените подрачја околу нуклеарната централа Запорожје и дека се повредени најмалку десет лица, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нападнати се 3., 4. и 5. округ на градот Енергодар. Според првичните податоци, десет лица се повредени. Искршени се прозорите на куќите и уништени се повеќе автомобили“, наведе Орлов во изјавата на својот профил на Телеграм.
На снимката што ја сподели градоначалникот Орлов се гледа дека интервенирале и противпожарни екипи.
Тој тврди дека руските сили се обидуваат да соберат потписи од жителите на Енергодар за да ја прогласат Украина одговорна за нападите околу нуклеарната централа Запорожје.
„Руските окупатори подготвија писмо со дезинформации за претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија и наводно собираат потписи од Енергодарците“, рече тој.
Паралелно, портпаролот на Кабинетот на украинскиот претседател, Андреј Ермак, соопшти дека експертската група на Меѓународната агенција за атомска енергија е на пат кон Запорожје и тамошната нуклеарна централа.
Најголемата европска нуклеарна централа во Европа, којашто се наоѓа во Украина, е под контрола на руските сили и во неколку наврати е гранатирана. Тоа предизвика загриженост од можна нуклеарна катастрофа.
Обединетите нации (ОН) минатата недела соопштија дека се во тек подготовки за испраќање тим за инспекција на ситуацијата во Запорожје и дека се чека одобрение и безбедносни гаранции од двете спротивставени страни.
Одлуката дојде откако украинскиот претседател Владимир Зеленски ја повика Меѓународната агенција за атомска енергија да има постојано присуство на експерти во нуклеарната постројка во Запорожје.