Talha Yavuz
25 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
КИЕВ (АА) ‒ Врховниот командант на Вооружените сили на Украина, Валериј Залужни, објави дека загубите на Русија на првиот ден од нападите врз Украина се проценети на над 30 тенка, околу 130 оклопни возила, 7 авиони и 6 хеликоптери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Залужњи во објава на Фејсбук наведе дека „во овие часови непријателот не ги оствари своите планови“.
Наведувајќи дека загубите на Русија против неговата земја во првиот ден се проценети на над 30 тенка, околу 130 оклопни возила, 7 авиони и 6 хеликоптери, Залужњи нагласи дека украинската војска продолжува со борбите во Харков, Херсон, Суми, Ахтирка и Сиверск.
По настаните на плоштадот „Мајдан“ во Киев, Украина, во 2014 година, на власт дојде прозападна Влада, а тогашниот претседател Виктор Јанукович побегна од државата. Русија тогаш незаконски го анектира Крим. Сепаратистите прогласија таканаречена управа во регионите Доњецк и Луганск, каде што мнозинството од населението е со руско потекло. Потоа избувнаа крвави судири меѓу проруските сепаратистички сили и украинската војска.
Договорите во Минск беа потпишани во 2014 и 2015 година со посредство на западните сили. Меѓутоа, кршењето на примирјето продолжи. До февруари, во судирите загинаа околу 14.000 луѓе.
Русија го сврте вниманието на јавноста со тоа што кон крајот на 2021 година почна да распоредува десетици илјади војници на границата со Украина. Соединетите Американски Држави тврдеа дека Русија се подготвува за инвазија, но официјална Москва упорно негираше. Додека западните земји ѝ се закануваа на Русија со санкции, Московската администрација ги призна сепаратистичките власти во Донбас и на 24 февруари започна воена операција на територијата на Украина.
Рускиот лидер Владимир Путин ја повика Украинската армија да го остави оружјето, тврдејќи дека целта на Москва е „да ги заштити луѓето изложени на геноцид од Киев и да ја исчисти Украина од нацизмот и милитаризмот“.