Burç Eruygur
31 Мај 2023•Ажурирај: 01 Јуни 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинскиот национален провајдер на нуклеарна енергија, „Енергоатом“, обвини дека руските сили вршат тортура врз негови вработени во централата „Запорожје“, која е под руска контрола, пренесува Анадолу.
„Во нуклеарната централа Запорожје, окупаторите го зголемија притисокот врз вработените и ги принудија да потпишат договор со Русите под тортура“, се вели во соопштението на „Енергоатом“.
Во Енерходар, сателитскиот град на нуклеарната централа, руските сили ги малтретираат украинските работници кои досега се спротивставуваа на потпишување договори за вработување со руската државна корпорација за нуклеарна енергија „Росатом“, се наведува во соопштението.
„Окупаторите вржат тортура врз вработените, претепаа неколкумина од нив, принудувајќи ги да се согласат на соработка со агресорот“, се додава.
Од руските власти сè уште нема реакција на тврдењата.
Исто така вчера (вторник), Рафаел Гроси, генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), за време на брифингот пред Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) рече дека ситуацијата со нуклеарната безбедност и сигурносната ситуација во нуклеарната централа „Запорожје“ „продолжува да биде исклучително кревка и опасна“.
„Запорожје“, најголемата во Европа и една од 10-те најголеми нуклеарни централи во светот, е под руска контрола од март минатата година, веднаш по почетокот на војната во Украина.
Стравувањата од нуклеарна катастрофа продолжуваат поради тврдењата за гранатирање околу областа.