Talha Yavuz
28 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
КИЕВ
Украинската Влада одлучи да го затвори својот воздушен простор за авиони регистрирани во Белорусија, почнувајќи од 29 мај, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението објавено на интернет-страницата на украинската Влада се вели дека одлуката е донесена врз основа на принудното слетување во белорускиот главен град Минск на патничкиот авион на „Рајанер“, кој сообраќаше на релацијата Атина - Вилнус на 23 мај, додека авионот беше во воздушниот простор на Белорусија.
Во владиното соопштение се наведува дека Министерството за инфраструктура на Украина, Државниот управа за воздухопловство и Управата за воздушен сообраќај на Украина имаат задача да ја спроведат донесената одлука за затворање на украинскиот воздушен простор за белоруските авиони почнувајќи од 29 мај, со цел да се осигура безбедноста на патниците.
Украина ги запре летовите кон Белорусија на 26 мај, повикувајќи се на принудното слетување на патничкиот авион на „Рајанер“ и го забрани летот на украинските авиони во белорускиот воздушен простор.
- Патнички авион од Грција кон Литванија принудно слета во Минск
Авионот на „Рајанер“, кој со 123 патници од Грција леташе кон Литванија, принудно слета додека се наоѓаше во воздушниот простор на Белорусија, поради наводна дојава на закана за бомба.
Меѓу патниците во авионот кој принудно слета во Минск, главниот град на Белорусија, бил и Роман Протасевич, кој е баран поради наводна вмешаност во терористички инциденти. Протасевич, основач на еден профил на социјалните мрежи и поранешен главен уредник е приведен по слетувањето на авионот.
По извршениот пребарување, предупредувањето за бомба се покажа како неосновано; по неопходните проверки, авионот го напушти аеродромот во Минск и слета во Вилнус.