Burç Eruygur
22 Март 2023•Ажурирај: 23 Март 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку три лица загинаа, а седум се повредени во напад со беспилотно летало денес во регионот на Киев во Украина, пренесува Анадолу.
„Како резултат на ноќен напад со беспилотни летала во регионот на Киев, беше оштетен цивилен објект. Засега се знае за тројца загинати и седум ранети. Информациите се разјаснуваат“, се вели во соопштението на Киевската регионална воена управа на Телеграм.
Се наведува дека единиците на Државната служба за итни случаи на Украина (ДСНС), полицијата и релевантните служби за итни случаи работат на местото на нападот, додека на повредените им е пружена неопходна помош.
„Од 5:50 часот (3:50 GMT), пожарот е локализиран. Спасувачите работат на самото место“, се наведува понатаму во соопштението.
Во посебно соопштение на ДСНС се вели дека четвртиот и петтиот кат од два студентски дома со пет ката и трикатната образовна зграда на професионален лицеј биле делумно уништени во нападот со дрон.
„Операциите за расчистување на урнатините и пребарување и спасување се во тек“, се вели во соопштението.
Сега во својата втора година, војната меѓу Русија и Украина досега уби 8.317 цивили, а рани 13.892 други, покажуваат најновите податоци на ОН.