Talha Yavuz
20 Јануари 2022•Ажурирај: 21 Јануари 2022
КИЕВ (АА) - Од Кабинетот на претседателот на Украина соопштија дека повикот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган до рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Владимир Зеленски заедно да ја посетат Турција за да се реши кризата меѓу двете земји, е добро осмислен и има потенцијал, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заменик-началникот на Кабинетот на украинскиот претседател, Михај Подољак, за РБК изјави дека Ердоган е добро запознаен со ситуацијата во регионот.
„Ердоган многу добро ги знае мотивите на Украинците и Русите. Неговиот предлог е добро обмислен и има потенцијал“, изјави Подољак.
Во исто време, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од Москва рече дека со задоволство го примиле и го разгледуваат предлогот на Ердоган испратен до колегите Путин и Зеленски.
„Ги поздравуваме напорите на секоја држава која може да помогне во решавањето на ситуацијата во Украина“, рече Песков.
Претходно, портпаролот на Кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека Ердоган одвоено разговарал со Путин и Зеленски за кризата во односите меѓу Русија и Украина и дека дури ги поканил заедно да ја посетат Турција за да ги решат несогласувањата и проблемите во односите помеѓу тие држави.
„Турција е подготвена да преземе каква било конструктивна улога за намалување на тензиите меѓу Русија и Украина. Тоа го правиме како пријатели и на Русија и на Украина и како сојузник на НАТО“, рече Калин.