Nazlı Yüzbaşıoğlu
20 Декември 2016•Ажурирај: 21 Декември 2016
АНКАРА (AA) – Рускиот амбасадор во Турција, Андреј Карлов, кој беше убиен синоќа во атентат, во текот на говорот при отворањето на изложбата на фотографии во Анкара, на јавноста последен пат ѝ се обратил во интервју за Anadolu Agency (AA) во кое истакна дека билатералните односи меѓу Анкара и Москва се сѐ поинтензивни, на сите полиња.
Амбасадорот Карлов во интервјуто за АА на 30. ноември говореше за трендот на подобрување на односите меѓу Русија и Турција, и рече дека двете земји соработуваат и се согласни во процесот за мирно решавање на кризата во Сирија, без оглед колку им се разликуваат перцепциите за таа криза.
Интервјуто беше по повод одржувањето на првото заседавање на Групата за заеднички стратешки планирања, во Анталија, каде што учествуваа министрите за надворешни работи на двете земји. Карлов во таа пригода рече дека е убеден оти тој состанок на шефовите на дипломатиите е од клучна важност за нормализацијата и интензивирањето на односите и соработката на двете земји, како на билатерален, така и на регионален план, кога станува збор за решавање на кризата во Украина и во Сирија.
„Како што знаете, нашите билатерални економски односи бележеа брз развој пред авионската несреќа, но токму тие економски односи најмногу беа погодени со овој инцидент. Проценуваме дека ќе ни требаат две години за да се вратиме на бројките од периодот пред таа криза. Меѓутоа, нашата цел не е само да се вратиме на односите што ги имавме, туку и да ги подигнеме на нови и значително повисоки нивоа“, рече Карлов пред три недели.
Амбасадорот Карлов истакна дека билатералните односи меѓу Русија и Турција се темелат и на енергетските проекти Турски тек и нуклеарната електрана Акују, и во таа пригода рече дека на дневен ред е и прашањето за основање заеднички инвестициски фонд за двете земји заеднички да настапат и во трети земји.
Исто така, Карлов рече дека Русија и Турција се согласни оти е неопходно да се воспостави мир во Сирија, да се зачува територијалната целовитост и суверенитетот на таа земја, но и дека ваквата цел може да се оствари само по политички пат и со заеднички напори.
„Ние сме со став дека во мировниот процес во Сирија не треба да учествува само Асад и владата, туку и групите што ги третираме како здрава и умерена сириска опозиција. Во тој процес не може да учествуваат само терористичките елементи. Мислиме дека во тој контекст мора да вложат напори сите фактори на меѓународната заедница, а особено Турција и Русија“, рече Карлов во последното итнервју за АА.
Во последното интервју за турските медиуми, убиениот руски амбасадор Карлов рече дека Русија уште од 2006 година започна борба против терористичката организација Фетулахчи/Паралелна државна структура (ФЕТО), која на 15 јануари го изведе неуспешниот обид за воен удар во Турција.
Карлов потсети дека неколку години претходно, во Русија се забранети сите школи и институции поврзани со ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, и дека Русија остро го осуди обидот за пуч во Турција.
„Ние таа ноќ на 15 јули воопшто не прашавме кого да поддржиме, бидејќи одговорот беше сосема јасен. Претседателот на нашата држава, Путин, го повика почитуваниот колега Ердоган и беше од првите светски лидери што му даде полна поддршка“, рече своевремено Карлов.