Ahmed Asmar
03 Април 2024•Ажурирај: 05 Април 2024
ГАЗА (АА) - Уште двајца новинари се убиени во Појасот Газа, со што бројот на убиени новинари во израелските напади од 7 октомври досега се зголеми на 140, известува Анадолу.
Канцеларијата за медиуми во Газа соопшти дека во текот на израелската рација на болницата Ал-Шифа во градот Газа убиени се новинари на локалната радиостаница „Гласот на Ал Акса“, Мохамед Ал-Сајед Абу Скхеил и Тарек Абу Скхеил.
Израелската војска се повлече од болницата Ал-Шифа во понеделникот наутро по 140-дневната рација, оставајќи зад себе десетици убиени и огромни траги на разорувања, соопшти претходно Канцеларијата за медиуми.
Израел, обвинет за геноцид, започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7 октомври минатата година.
Во овие напади досега се убиени околу 32.975 Палестинци во услови на масовно уништување и недостиг на неопходни средства за опстанок.
Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да преземе мерки за спречување геноцид.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со ненамален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.
Израел воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.
Меѓународниот суд на правдата (МСП) укажа на дополнителни привремени мерки, вклучително и „непречено обезбедување“ помош за Појасот Газа, но Владата на Израел продолжува да ги спроведува своите планови, што може да се спознае и во вчерашната изјава на премиерот Нетанјаху во врска со убиството на седумтемина хуманитарци.
„Ова се случува во војна, ние го истражуваме тоа темелно. Во контакт сме со релевантните страни и ќе направиме сѐ за да не се повтори вакво нешто“, рече Нетанјаху вчера велејќи дека смртта на хуманитарните работници е „ненамерно убиство на невини“.
Израелската војска ја презеде одговорноста за нападот врз хуманитарниот конвој во централниот дел на Појасот Газа во кој беа убиени седум хуманитарни работници на американската хуманитарна организација Светска централна кујна (СЦК).