Andaç Hongur,Murat Paksoy,Elif Küçük,Metin Tokgöz
23 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
ИСТАНБУЛ (AA) - Поради наглиот пораст на бројот на заразени со вирусот „Ковид-19“ (коронавирус) во Иран, каде што досега починаа најмалку осум лица, Турција привремено ги затвори граничните премини со оваа земја, а привремено се запрени и линиите во железничкиот и авиосообраќајот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот за здравство на Турција, Фахретин Коџа, во Истанбул се осврна на прашањата во врска со заразувањето со вирусот „Ковид-19“, посебно на алармантната ситуација со ширењето на вирусот во таа земја.
„Во Иран, според последните информации, имаме 43 случаи на заразување со коронавирусот и осум починати. Со оглед на фактот дека состојбата во Иран се влошува, донесовме одлука за привремено затворање на границите“, рече Коџа и додаде:
„Во рамките на меѓународната здравствена регулатива, патниот и железничкиот транзит од Иран во нашата земја привремено ќе биде запрен денес од 17 часот. Сите меѓународни летови (доаѓања од Иран) вечерва од 20 часот еднострано и привремено се запрени. Летовите од Турција кон Иран не се запрени“, рече Коџа.
Министерот Коџа додаде дека во последните два дена на осум ирански државјани, поради симптоми, не им е дозволен влез во Турција.