Mehmet Akif Parlak
06 Јануари 2022•Ажурирај: 07 Јануари 2022
ГАЗИАНТЕП (АА)
- МЕХМЕТ АКИФ ПАРЛАК
Музејот на мозаици „Зеугма“, еден од најпознатите музеи од ваков вид во светот, во Турција е отворен на 11 јуни 2011 година, а до крајот на 2021 година го посетиле 2.021.853 лица, пишува Агенција Анадолија.
Во музејот, кој се протега на околу 30.000 квадратни метри, посетителите имаат можност да видат бројни фасцинантни антички мозаици, меѓу кои се истакнуваат „Посејдон“, „Ромка“ и „Дионис“.
Мозаикот „Ромка“, чии 12 дела, по 52 години се вратени од Соединетите Американски Држави (САД), добитник е и на Претседателската голема награда за култура и уметност на Република Турција.

Музејот секоја година го посетуваат бројни туристи од сите делови на земјата и светот, а само во 2019 година, која е прогласена за „година на Ѓобеклитепе“, го посетиле рекордни 340.569 лица.
Од 2011 година, кога е основан музејот, бројот на посетители расте. Во 2020 година, и покрај пандемијата, музејот го посетиле 87.642 лица, a во 2021 година, 242.145 лица. Односно, музејот од основањето до крајот на 2021 година го посетиле 2.021.853 лица.
Директорот на музејот, Озгур Џомак, за АА рече дека бројот на посетители се зголемил по укинувањето на полицискиот час на 1 јуни 2021 година.
Особено голем број на посетители се забележани на 29 октомври, кога Турција го одбележува Денот на Републиката, како и во периодот на училишните распусти.

„Во 2020 година имавме околу 90.000 посетители. Во 2021 година, особено во втората половина, односно по укинувањето на полицискиот час на 1 јуни, остваривме бројни посети. Музејот го посетија 242.145 лица. Доколку немаше полициски час, до 1 јуни минатата година ќе го срушевме рекордот од 2019 година, но на оваа бројка ѝ се приближивме во последните шест месеци“, рече Џомак.
„Првите три месеци од 2020 година беа многу добри. Туристичката сезона цветаше. Требаше да ги срушиме бројките од 2019 година, така ни укажуваа податоците од теренот, но поради пандемијата во 2020 година не успеавме да го срушиме годишниот рекорд. Во втората половина на 2021 година оствариме добри резултати. Ако во 2022 година нема ограничувања, ќе ги надминеме бројките од 2019 година“, уверен е Џомак.
Музејот е отворен за посетителите во текот на целата недела.