Gökhan Varan
19 Февруари 2021•Ажурирај: 20 Февруари 2021
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Република Турција оддаде почест на жртвите од расистичкиот напад кој пред една година се случи во германскиот град Ханау, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Оддаваме почест на смртно настраданите, меѓу кои беа и наши државјани, и ја споделуваме болката на ожалостените семејства“, се наведува во соопштението.
Во соопштението исто така се наведува дека заменик-министерот за надворешни работи на Турција, Јавуз Селим Киран, ќе присуствува на комеморацијата која во Ханау ќе се одржи по повод годишнината од расистичкиот напад и на тој начин ќе ја покаже солидарноста со жртвите на расизмот и ксенофобијата.
Истакнувајќи дека кон расизмот, ксенофобијата и исламофобијата кои се видени во нападот во Ханау е потребен посериозен пристап, од Анкара порачаа дека одамна дошло времето за јакнење на меѓународната соработка во борбата против таквите појави.
„Очекуваме дека расистичкиот напад во Ханау ќе се расветли во потполност врз база на опсежна истрага. Тој напад треба да послужи како лекција дека не смеат да се толерираат појавите на расизам и ксенофобија кои се закана за мирот и спокојот во општеството“, се наведува во општеството.
Во соопштението се наведува дека Европа треба да се оддалечи од расистичката, ксенофобичната и исламофобичната реторика која ја промовираат радикалните десничарски и популистички опции.
„Ги повикуваме сите земји на Европа да не молчат наспроти таквите закани и да се почитуваат принципите на мирот и соживотот. Турција ќе ја продолжи соработката во борбата против сите видови расизам и ксенофобија“, се наведува во соопштението.
Расистичкиот терорист идентификуван како 43-годишен Тобијас Ратхјен, на 19 февруари изведе оружен расистички напад врз два угостителски објекти во Ханау и уби девет лица. Ратхјен по нападот се врати во станот во кој првин ја усмрти својата мајка, а потоа изврши самоубиство. Во нападот се убиени Мерцедес Кирпач, Седат Курбуз, Ѓокан Ѓултекин, Хамза Куровиќ, Ферхат Унвар, Калојан Велков, Вили Виорел Паун, Саид Несар Хашеми и Фатих Сарачоглу.