Mehmet Şah Yılmaz
28 Август 2020•Ажурирај: 30 Август 2020
АНКАРА
Министерството за надворешни работи на Турција соопшти дека Европската унија (ЕУ) нема паво да критикува и да бара запирање на хидрокарбонските активности кои Турција ги спроведува во својот епиконтинентален појас во Источниот Медитеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласноговорникот на Министерството за надворешни работи на Турција, Хами Аксој, реагираше на изјавите кои шефовите на дипломатиите на Европската унија ги дадода по неформалниот состанок.
Аксој истакна дека за тензиите во Источниот Медитеран се одговорни Грција и Јужен Кипар кои спроведуваат максималистички активности и политики спротивни на меѓународното право.
„Тензиите додатно ги зголемува безуспловната поддршка која, под плаштот на единство, ЕУ им ја дава на оние кои се обидуваат да ги загрозат легитимните права и интереси на Турција и кипарските Турци во Источниот Медитеран", порача Аксој.
Нагласувајќи дека е неадекватно ЕУ да критикува и да бара запирање на турските хидрокарбонски активности, Аксој рече дека и Судот на ЕУ утврдил дека ЕУ нема никакви ингеренции за тоа прашање.
„Таквото барање на ЕУ е спротивно на меѓународното право и правото на самата ЕУ", порача Аксој и ја повика ЕУ и членките да не ги поддржуваат максималистичките и бесправните ставови на Грција.
Истакнувајќи дека Грција не е земја архипелаг, Аксој рече дека според меѓународното право и праксата е спротивно тоа што Грција бара нејзините острови во близина на Анадолија да имаат епиконтинентален појас.
„Турција секогаш заговарала дијалог и дипломатија, а тоа што ЕУ посегнува по реториката на санкции нема да помогне во решавањето на постоечките проблеми и само ќе ја зајакне нашата одлучност. Турција одлучно ќе ги брани своите права и правата на кипарските Турци, без оглед на сите бесправни сојузи кои се наспроти неа", порача Аксој.
Исто така, тој истакна и дека ЕУ треба да биде непристрасен и чесен посредник, доколку на Источниот Медитеран сака да види решение.