Muhammed Emin Canik
30 Април 2022•Ажурирај: 01 Мај 2022
КАРАКАС (АА) – Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ги повика турските компании да инвестираат во Венецуела, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на отворањето на третиот состанок на Заедничката комисија за соработка помеѓу Венецуела и Турција, Чавушоглу рече дека ги оценил трговските односи меѓу двете земји заедно со венецуелскиот потпретседател Тарек ел Аисами.
Тој рече дека на состанокот разговарале за широк спектар на односите во присуство на министрите за туризам, здравство, образование и рибарство.
„Нашите пријатели вложуваат големи напори овие состаноци и механизми да бидат успешни“, додаде тој.
Наведувајќи дека продолжуваат да работат во согласност со мислењата на експертите за прашања како што се транспортот, туризмот, развојот, земјоделството, миграциите и безбедноста, првиот човек на турската дипломатија истакна дека ги завршиле преговорите за договорите во областа на индустријата, туризмот, рибарството, младите и спортот.
„Договорите ќе бидат потпишани во присуство на венецуелскиот претседател Николас Мадуро на завршната седница“, рече Чавушоглу.
„Зголемувањето на нашата трговија ги зголеми нашите надежи за иднината. Ги охрабруваме турските бизнисмени да инвестираат во Венецуела“, истакна тој.
Аисами му се заблагодари на Чавушоглу за неговата посета.
„Ние правиме продуктивни, просперитетни, заемни инвестиции за нашите народи“, рече тој.
„Турција се бори да го заштити и одбрани светскиот мир. Тоа нè охрабрува да работиме заедно во изградбата на поправеден свет“, рече венецуелскиот потпретседател.
- Мадуро ја пофали турската Влада -
Говорејќи на завршната сесија, венецуелскиот претседател Николас Мадуро ја пофали турската Влада за олеснувањето на разговорите меѓу Русија и Украина и посака успех во процесот.
Тој истакна дека Турција ѝ помогнала на Венецуела кога ѝ било најпотребно, осврнувајќи се на медицинската помош дадена од Турција за време на пандемијата на Ковид-19.
„Во последните години помеѓу Турција и Венецуела воспоставивме многу силни политички и дипломатски односи засновани на доверба“, рече Мадуро, додавајќи дека Турција се противи на санкциите кон неговата земја.
Тој ги повика турските инвеститори да дојдат во Венецуела.
„Венецуела сега почна да закрепнува; сега напредува чекор по чекор со свои сили. Турските инвеститори нека дојдат овде и нека инвестираат затоа што имаме многу широко економско портфолио. Време е Турците да инвестираат овде“, рече Мадуро.
Тој истакна дека наскоро ќе ја посети Турција.
„Мислам дека ја максимизиравме оваа заедничка комисија. Потпишавме многу договори од различни области. Ќе дојдам во Турција за сите овие прашања, да ја забрзам соработката и да се ракувам со мојот драг пријател Ердоган“, додаде венецуелскиот претседател.
„Ние ја сакаме Турција. Ние сме вистински пријатели на Турција. Венецуела е најдобриот пријател на Турција. Да живеат односите помеѓу Венецуела и Турција, да живее пријателството, да живее мирот, да живее соработката“, порача Мадуро.