Can Hasasu
25 Ноември 2025•Ажурирај: 26 Ноември 2025
ВАШИНГТОН (АА) – Турската телевизиска серија „Деха“ на доделувањето на наградите „Еми“ освои награда во категоријата за најдобра теленовела носејќи ѝ голем меѓународен успех на Турција на 53. издание на престижниот фестивал во Њујорк, јавува Анадолу.
На овогодишното доделување на наградите „Еми“, што ги доделува Меѓународната академија за телевизиски уметности и науки и се наменети за продукции создадени надвор од САД, „Деха“ триумфираше во категорија во која конкурираа и серии од Бразил и Шпанија.
Емитувана на турската „Шоу ТВ“ и продуцирана од Ај Јапим, серијата „Деха“ со освојувањето на наградата уште еднаш го истакнува растечкиот глобален успех на турската телевизиска индустрија.
Арас Булут Ијнемли, еден од главните актери, во изјава за Анадолу рече дека не очекувал да се чувствува толку многу возбудено, додавајќи:
„Ова е работа на огромен тим. Дојдовме тука како мала група, но секогаш велам дека е огромен тимски напор. Тука сме во име на сите наши колеги. Ви благодарам многу, многу сум возбуден.“
Режисерот Умут Арал истакна дека претставувањето на Турција меѓу десетици земји и освојувањето на наградата е чувство што тешко може да се опише.
„Ја примивме оваа награда во име на сите што придонесоа за серијата“, рече тој.
Сценаристката Дамла Серим додаде дека присуството на церемонијата било „прекрасно чувство“, нагласувајќи: „Ви благодариме, ова е многу убаво и огромен извор на гордост.“
Присуството на продукцискиот тим во Њујорк уште еднаш го потврди меѓународниот подем на „Деха“, која станува сè попозната и надвор од границите на Турција.
„Деха“ е возбудлива семејна драма со елементи на психолошки трилер, што ја раскажува приказната за Девран – млад човек со исклучителен математички талент, распнат меѓу сонот да изгради светла иднина и притисокот од страна на татко му, кој се обидува да го задржи под своето мрачно влијание.