Burcu Arik
17 Јуни 2018•Ажурирај: 18 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Најмалку 35 терористи се неутрализирани во воздушните напади кои турските бомбардери ги извршија на упоришатата на терористичката организација ПКК на североисточната планина Кандил, јавува Anadolu Agency (AA).
Генералштабот на Турската војска соопшти дека станува збор за напади кои турските воздушни сили ги извршија во ноќта помеѓу 15 и 16 јуни.
Турските безбедносни институции го користат терминот „неутрализиран“ за терористите кои во антитерористичките операции се убиени, заробени или сами се предале на турските сили.
Цел на нападот беа новооткриените засолништа, магацини со оружје и упоришта на терористите на ПКК во североисточниот планински регион Кандил, кој се смета за главна база на терористичката организација ПКК.
Турскиот претседател синоќа порача дека во состав на последните акции на Кандил погодиле места каде што членовите на терористичката организација ПКК одржувале состаноци.
„Сè уште не сме ги добиле резултатите, но сигурно е дека се погодени“, изјави синоќа Ердоган.
ПКК е сепаратистичка организација која се наоѓа на листата на терористички групи во Турција, ЕУ и САД. За време на тридецениската терористичка кампања против Турција, терористите на ПКК убија најмалку 40.000 лица.
Планините Кандил, Гара, Метина, Авашин-Басјан, Хакурк и Зап се наоѓаат на северниот дел на Ирак, долж ирачко-турската граница. Станува збор за подрачје кое се смета за колевка на терористичкото движење ПКК.
Турските сили спроведуваат опсежна борба против терористите на ПКК во Турција, како и во северниот дел на Ирак и Сирија.
Антитерористичките акции во пограничните региони на Ирак и Сирија се базираат на правата на Турција засновани на Меѓународното право на самоодбрана и резолуциите на ОН кои се однесуваат на борбата против тероризмот.
Акциите се спроведуваат со почитување на територијалниот интегритет на соседните земји и со цел неутрализација на терористичката закана.