Büşra Nur Çakmak
26 Септември 2022•Ажурирај: 27 Септември 2022
РИМ/АНКАРА (АА) - Лидерката на италијанската крајна десница Џорџа Мелони прогласи победа на општите избори во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во нејзиниот прв говор по гласањето, Мелони рече дека Италијанците испратиле „многу јасна порака“ дека сакаат „централнодесничарска влада предводена од Браќата на Италија (Fdl).
„Ова е време на одговорност, време во кое ако сакате да бидете дел од историјата, треба да разберете каква одговорност имаме кон милиони луѓе затоа што Италија нѐ избра нас и ние нема да ја предадеме“, рече таа.
Мелони истакна дека ќе им служи на сите Италијанци доколку формира влада.
Се очекува „Браќата на Италија“ на Мелони да освои мнозинство гласови. Според прелиминарните резултати на италијанската новинска агенција АНСА, Мелони води со 26,39 отсто.
Мелони освои 4 отсто од гласовите на изборите во 2018 година.
Десничарската алијанса на „Браќата на Италија“, партијата Лега на Матео Салвини и Форца Италија на Силвио Берлускони се очекува да освојат 43,64 отсто од гласовите, доволно за да се гарантира контрола на двата дома на Парламентот, објави АНСА.
Салвини преку Твитер истакна дека алијансата е „во очигледна предност и во Домот и во Сенатот“.
Алијансата на левиот центар предводена од Демократската партија (ПД) на Енрико Лета заостанува со 27,28 отсто.
Демократската партија се очекува да заврши на второто место со освоени 19,91 отсто од гласовите.
Движењето 5 ѕвезди на поранешниот премиер Џузепе Конте се очекува да заврши на третото место со 14,87 отсто.
АНСА, исто така, објави дека одѕивот на гласачите бил „64 отсто, помал за околу 10 поени во споредба со изборите во 2018 година“.
Мелони би можела да стане првата жена премиер на Италија, а земјата за прв пат по Втората светска војна ќе има лидер од крајната десница.
Италијанскиот претседател Серџо Матарела го распушти Парламентот во јули и свика предвремени избори на 25 септември, со што се означи крајот на Владата предводена од премиерот Марио Драги, која траеше околу една и пол година.
Речиси 51 милион луѓе имаа право на глас на изборите кои би можеле да бидат клучни, а над 4 милиони Италијанци кои живеат во странство го дадоа својот глас пред денот на изборите.
Околу 51 отсто од гласачите во Италија се жени, од вкупната популација која брои 59 милиони жители.
Италијанците на вчерашните избори бираа 200 сенатори и 400 пратеници во Парламентот.