Handan Kazancı
05 Април 2018•Ажурирај: 06 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша меморандум за распоредување трупи на границата меѓу САД и Мексико заради борба против нелегалната имиграција, велат официјални лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Претседателот нареди Одделот за одбрана и Одделот за домашна безбедност да работат заедно со нашите гувернери за распоредување на Националната гарда на нашата југозападна граница, за помош на граничната патрола”, изјави секретарката на Одделот за домашна безбедност, Кирстен Нилсен, за новинарите во Белата куќа, непосредно пред потпишувањето на меморандумот.
Таа рече дека деталите се разработени, но не даде информации за тоа колку трупи ќе бидат распоредени.
Но од Министерството за надворешни работи на Мексико се вели дека Нилсен му кажала на министерот за надворешни работи, Луис Видегарај, оти трупите нема да бидат вооружени, ниту ќе спроведуваат вообичаени патролни должности, туку ќе ја поддржуваат работата на Одделот за домашна безбедност.
Гувернерот на Аризона, Даг Дјуси, ја поддржа одлуката на Трамп.
„Аризона го поддржува распоредувањето на Националната гарда на границата. Вашингтон го игнорираше ова прашање долго време и потребна е помош. За Аризона, сето ова е со цел зачувување на јавната безбедност“, напиша Дјуси на Твитер (Twitter).
Трамп ја објави изненадно оваа одлука вчера, кога рече дека САД ќе ја искористат својата војска за да ја обезбеди границата, додека не биде изграден долговетуваниот ѕид.
„Ќе ја чуваме нашата граница со војска. Тоа е голем чекор“, рече тој во Белата куќа. „Не сме го направиле тоа порано.“
Овој потег секако не е без преседан.
Во 2010 година претседателот Барак Обама, исто така, распореди трупи на американско-мексиканската граница, а пред него тоа го направи и претседателот Џорџ Буш во 2006 година.