Zehra Ulucak
02 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
АНКАРА (АА) - Според вестите објавени во американските медиуми, Доналд Трамп, за време на прес-конференцијата одржана во Белата куќа, потсетувајќи дека дел од мигрантите на границата со Мексико фрлале камења, рече дека американските војници нема да бидат толерантни кон оние кои фрлаат шишиња и камења врз нив, јавува Anadolu Agency (AA).
Посочувајќи дека „нема многу голема разлика“ меѓу камења и оружје, Трамп рече дека безбедносните сили камењата фрлени од мигрантите треба да ги гледаат како оружје и истакна дека е можно тие на фрлените камења да одговорат со истрели од оружје.
„Доколку сакаат да фрлаат камења врз нашите војници, тогаш Војската ќе одговори на тоа. Доколку се обидат да фрлаат камења како што тоа го прават врз мексиканските војници, на безбедносните сили им реков дека тоа можат да го гледаат како оружје“, изјави Трамп на прес-конференцијата.
Американскиот закон за имиграција и државјанство овозможува мигрантите да поднесат барање за азил, независно дали тие во земјата влегле по легален или по нелегален пат.
Трамп и претходно имаше изјавено дека нема да дозволи мигрантскиот конвој да влезе во САД, додавајќи дека на границата со Мексико се испратени меѓу 10 и 15 илјади војници.
Обединетите нации (ОН) информираа дека „мигрантски караван“ од повеќе од 7.000 лица од Латинска Америка тргнал на пат за да стигне во САД.