Sorvar Alam
24 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека неговата администрација многу позитивно соработува со властите на Пакистан во борбата против тероризмот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Трамп се обрати на собирот на стадионот во Ахмедабад, главниот град на индиската покраина Гуџарат, на кој присуствуваа над 100.000 лица.
„САД и Индија се одлучни во соработката во борбата против терористите и нивната идеологија. Затоа мојата администрација од почетокот многу позитивно соработува и со Пакистан за да ги уништиме терористичките организации на границата“, изјави Трамп.
Истакнувајќи дека резултатите од соработката се веќе видливи, Трамп изрази надеж дека ќе дојде до намалување на тензиите и воспоставување хармонија во Јужна Азија.
Трамп во Ахмедабад допатува утринава и тоа му е прва станица од дводневната официјална посета во Индија. Тој е во придружба на својата сопруга, Меланија Трамп, ќерката Иванка Трамп и зетот Џерад Кушнер.
Трамп во Ахмедабад беше дочекан од индискиот премиер Нарендра Моди, кој исто така се обрати пред насобраните на стадионот.
Американскиот претседател Трамп посебно ја истакна добрата соработка на САД и Индија во областа на одбраната.
„САД сакаат да ја снабдат Индија со некои од најмоќните воени средства на планетата. Ќе потпишеме договори за воена трговија во износ од три милијарди долари“, изјави Трамп.
Најавувајќи го и продолжувањето на преговорите за јакнење на трговската размена и за зголемување на инвестициите, Трамп изјави дека индискиот премиер Моди е тежок преговарач.
Илјадници луѓе го дочекаа Трамп во Ахмедабад. Граѓаните стоеја во ред од двете страни на 22 километри долгиот пат од аеродромот „Сердар Валабхаи Пател“ до стадионот „Мотер“.
Трамп и Меланија ја посетија резиденцијата „Сабармати Ашрам“, во која 18 години живеел Махатма Ганди.