Michael Gabriel Hernandez
13 Ноември 2025•Ажурирај: 15 Ноември 2025
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера го потпиша законот со кој се обезбедува финансирање на федералната влада до крајот на јануари, со што стави крај на историското 43-дневно затворање на Владата – најдолгото во историјата на САД, кое го запре работењето на бројни клучни институции, јавува Анадолу.
Трамп ги обвини демократите дека се обиделе да „ги уценуваат американските даночни обврзници“ за време на затворањето, повикувајќи ги гласачите на следните избори „да не го заборават ова“.
„Екстремистите од другата партија инсистираа да создадат најдолго затворање на Владата во американската историја, и го направија тоа од чисто политички причини“, изјави Трамп во Белата куќа при потпишувањето на законот.
„Ова не е начин на кој треба да се води една држава. Се надевам дека сите можеме да се согласиме дека Владата никогаш повеќе не треба да се затвора.“
Претседателот не одговараше на прашањата од новинарите, но повеќепати ја префрли вината на демократите, велејќи дека токму тие ја „предизвикале“ кризата која, според него, „предизвикала огромна штета“.
За време на затворањето, авионскиот сообраќај бил сериозно нарушен поради недостиг од контролори на летање, а многу програми за помош со храна биле прекинати.
Потпишувањето дојде само по неколку часа откако Претставничкиот дом го усвои двопартискиот договор со 222 гласа „за“ и 209 „против“.
Сенатот во понеделникот го одобри договорот со кој завршува 43-дневниот прекин на финансирањето и се продолжува буџетот до 30 јануари.
Законот, исто така, вклучува тригодишни пакети за финансирање на клучните федерални агенции и програми, како и повторно вработување на државните службеници кои беа отпуштени за време на затворањето.
Затворањето започна на 1 октомври по неуспешните преговори околу приоритетите за федералната потрошувачка. Илјадници вработени беа принудени да земат неплатено отсуство или да работат без плата, додека бројни владини услуги беа прекинати.
Демократите бараа од републиканците да го продолжат финансирањето на субвенциите за здравствено осигурување во рамките на Законот за достапна здравствена заштита (ACA) и да ги укинат скратувањата на програмата „Медикејд“ за граѓаните со пониски приходи, што Трамп и неговите сојузници ги воведоа претходно оваа година.
Ниту една од овие цели не беше постигната за време на затворањето, при што републиканците се согласија само на подоцнежно гласање во Сенатот за субвенциите на ACA што истекуваат до крајот на годината.
Трамп најави дека ќе предложи нов здравствен план како замена за ACA, познат и како „Обамакер“, но не даде конкретни детали.
„Денес повикувам парите да не одат кај осигурителните компании, туку директно кај народот, за тие сами да можат да си купат здравствено осигурување – многу подобро и поевтино од катастрофата наречена Обамакер“, рече тој.
„Ќе работиме на нешто што има врска со здравствената заштита. Можеме многу подобро. Можеме одлично. Вклучени се огромни пари, и подготвени сме тие пари да им ги дадеме на луѓето“, додаде Трамп.