Ekipa
11 Август 2016•Ажурирај: 12 Август 2016
САНРАЈС (АА) - Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го обвини претседателот на САД, Барак Обама, за основање на терористичката организација ДАЕШ, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во многу аспекти, знаете, тие му оддаваат почит на претседателот Обама. Тој е основач на ДАЕШ“, изјави Трамп на митингот во околината на градот Форт Лодердејл, на Флорида.
Трамп во три наврати ги повтори обвинувањата, изговарајќи го целото име и презиме на американскиот претседател: Барак Хусеин Обама.
Републиканецот претходно слични обвиненија изнесуваше и на сметка на демократската ривалка Хилари Клинтон. Откако ја префрли вината на Обама, Трамп рече дека Клинтон, всушност, е соосновачот на споменатата група.
Трамп долго време го обвинуваше Обама и неговата поранешна државна секретарка, Клинтон, дека на Блискиот Исток воделе политика која создала вакуум на моќта во Ирак, што било искористено од ДАЕШ. Тој остро го критикуваше Обама поради најавите дека ќе ги повлече американските војници од Ирак, одлука за која критичарите на Обама тврдат дека создала еден вид нестабилност што предизвикала екстремистичките групи како ДАЕШ да напредуваат.