Servet Günerigök
16 Февруари 2019•Ажурирај: 17 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп го номинираше Дејвид Сатерфилд за амбасадор на САД во Турција, соопшти Белата куќа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Сатерфилд е член на тимот на Службата за надворешни работи на САД и од 2017 година беше актуелен помошник-државен секретар за Блискиот Исток.
Неговото назначување сѐ уште не е официјално и мора да биде потврдено од Сенатот.
„Претходно амбасадорот Сатерфилд служеше како генерален директор на Мултинационалните сили и набљудувачи во Рим, Италија, од 2014 до 2017 и од 2009 до 2013 година“, се вели во соопштението на Белата куќа.
Сатерфилд, исто така, беше и на највисоките позиции во мисиите на САД во Сирија, Саудиска Арабија, Египет и Либан.
Последниот американски амбасадор во Анкара, од 2014 до 2017 година, беше Џон Бас.
Бас, кој ја презеде функцијата на американскиот амбасадор во Авганистан, ја напушти Турција во октомври 2017 година, поради визната криза помеѓу Вашингтон и Анкара. Позицијата оттогаш е празна.
Американската Амбасада во Анкара ги суспендираше сите служби за издавање немигрантски визи во сите дипломатски претставништва на САД во Турција, а турската Амбасада во Вашингтон го следеше примерот во суспендирањето на немигрантските визни услуги.
Тоа следуваше по апсењето на Метин Топуз, вработен во американскиот Конзулат во Истанбул, поради поврзаност со терористичката организација ФЕТО.