свет

Трамп ги сподели пораките на Макрон во врска со Гренланд

„Мој пријателе, целосно сме согласни за Сирија. Можеме да направиме големи работи за Иран. Не разбирам што правиш со Гренланд.“

Fatma Zehra Solmaz  | 20.01.2026 - Обновена : 20.01.2026
Трамп ги сподели пораките на Макрон во врска со Гренланд

ВАШИНГТОН/ИСТАНБУЛ (AA) – Американскиот претседател Доналд Трамп денес објави скриншотови од пораки што ги добил од францускиот претседател Емануел Макрон, во кои тој ги доведува во прашање напорите на Вашингтон да ја преземе контролата врз Гренланд и го поканува Трамп на вечера во Париз в четврток, јавува Анадолу.

„Мој пријателе, целосно сме согласни за Сирија. Можеме да направиме големи работи за Иран. Не разбирам што правиш со Гренланд“, напишал Макрон до Трамп, според пораките објавени на профилот на американскиот претседател на социјалната мрежа Трут соушал, со наслов: „Порака од претседателот на Франција, Емануел Макрон“.

„Ајде да се обидеме да изградиме големи работи“, додава Макрон во пораката нудејќи и можност за одржување состанок на Г7 во Париз в четврток попладне.

„Можам да ги поканам Украинците, Данците, Сиријците и Русите на маргините“, навел тој.

Претходно, Трамп ги отфрли изјавите што му се припишуваат на Макрон дека нема да се приклучи на меѓународниот Одбор за мир, чија цел е решавање на конфликтот во Газа, реагирајќи со закана за воведување високи царини.

„Дали навистина го кажал тоа?“, изјави Трамп кога новинар го праша за наводите дека Макрон одбива да се приклучи на Одборот. „Па, никој и не го сака, бидејќи многу скоро ќе биде надвор од функцијата“.

„Ќе воведам царини од 200 отсто за неговите вина и шампањи и тогаш ќе се приклучи, но не мора да се приклучи. Ако навистина го кажал тоа – можеби ми го пренесувате малку поинаку, но ако навистина го кажал“, додаде Трамп.

Француската телевизија БФМ ТВ, повикувајќи се на извори блиски до Макрон, вчера објави дека францускиот претседател не планира да ја прифати поканата на Трамп за приклучување кон Одборот за мир, поради загриженост дека американската иницијатива оди подалеку од прашањето за Газа и може да ги поткопа принципите и структурата на Обединетите нации.

Белата куќа минатата недела го најави формирањето на Одборот за мир, кој, како што беше наведено, ќе има „клучна улога во спроведувањето“ на 20 точки од планот на Трамп за трајно завршување на војната на Израел во Газа и за обнова на енклавата, како и во „обезбедување стратешки надзор, мобилизација на меѓународни ресурси и гарантирање отчетност додека Газа преминува од конфликт кон мир и развој“.

Покрај тоа, САД го формираа и Националниот комитет за администрација на Газа за спроведување на втората фаза од Сеопфатниот план на Трамп за завршување на конфликтот, основачки Извршен одбор, како и Извршен одбор за Газа, кој треба да го поддржи транзицискиот процес.

Трамп дополнително покани шефови на држави и влади да се приклучат на Одборот, вклучувајќи го и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.