Tayfun Salcı
28 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
ЛОНДОН (AA) - Британската премиерка Тереза Меј изјави дека ќе даде оставка доколку нејзиниот план за Брегзит, кој британскиот парламент два пати го отфрли, ќе помине трет пат, јавува Anadolu Agency (AA).
Меј на состанокот со конзервативните пратеници истакна дека ќе отстапи доколку нејзиниот план добие поддршка од поделениот парламент, за да овозможи некој нов премиер да тргне во нови преговори за идните односи со Европската унија.
„Сосема ми е јасно расположението на партијата. Знам дека постои желба за нов пристап, ново водство за втора фаза од преговорите за Брегзит, и јас нема да стојам на патот", рече Меј.
Челниците на ЕУ, на барање на британската премиерка Тереза Меј, минатата седмица, одлучија излегувањето на Велика Британија од ЕУ, првобитно предвиден за 29 март, да го одложат до 12 април.
Ако Парламентот на Велика Британија го одобри договорот кој им го нуди Меј, Брегзит ќе биде одложен до 22 мај.