Kaan Bozdoğan
21 Мај 2022•Ажурирај: 22 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, синоќа телефонски разговараше со премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, кому му соопшти дека најголем проблем во контекст на барањето на Шведска и Финска за прием во НАТО претставуваат врските на тие држави со елементите што се под контрола на терористичката организација ЈПГ/ПКК, известува Агенција Анадолија (АА).
Дирекцијата за комуникации при Канцеларијата на турскиот претседател соопшти дека Ердоган и Џонсон дискутирале за билатералните и регионалните теми, вклучувајќи ги и барањата на Шведска и Финска за прием во НАТО и за војната во Украина.
Во соопштението се наведува дека Ердоган во текот на разговорот рекол дека не смее да се занемари оправданата реакција на турската јавност наспроти барањето за прием во НАТО на земјите кои поддржуваат тероризам.
Ердоган порачал и дека Анкара сака да биде сигурна дека Финска и Шведска ги поддржуваат вредностите на НАТО и дека адекватно ќе одговорат на легитимната загриженост на Турција.