Rabia İclal Turan
24 Февруари 2022•Ажурирај: 24 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Американскиот претседател Џо Бајден оствари телефонски разговор со својот украински колега Владимир Зеленски, со кого разговараше за „неиспровоцираниот и неоправдан напад на Руските воени сили“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден рече дека претседателот Зеленски му се јавил и додаде дека го осудил „овој неиспровоциран и неоправдан напад на Руските воени сили“.
„Го информирав за чекорите што ги преземаме за да се добие меѓународна осуда, вклучително во Советот за безбедност на Обединетите нации“, рече тој.
„Зеленски ме замоли да ги повикам светските лидери јасно да се изјаснат против флагрантната агресија на претседателот Путин и да го поддржат народот на Украина“, додаде Бајден.
Потсетувајќи дека утре ќе се состане со лидерите на Г7, тој истакна дека САД и нивните сојузници „ќе воведат строги санкции кон Русија“.
„Ќе продолжиме да даваме поддршка и помош за Украина и украинскиот народ“, рече американскиот претседател.
Русија започна целосна инвазија на Украина и цели кон клучни области со оружје и проектили во градовите, според извештаите.
Утринава се пријавени експлозии во неколку украински области, меѓу кои и во Киев, а тенкови, според наводите, ја преминале границата со Белорусија во Украина.
Во соопштението утринава, руското Министерство за одбрана објави дека користи „високопрецизно оружје“ за да ги оневозможи системите за воздушна одбрана, воените аеродроми и воздухопловните сили на Украина.