Esat Fırat
17 Јули 2019•Ажурирај: 18 Јули 2019
РАМАЛА
Во окупираниот Западен Брег настанаа судири помеѓу палестинските студенти и израелските војници. Палестинските студенти започнаа протести поради смртта на 31-годишниот Палестинец Наср Такатка, кој вчера почина во еден од израелските затвори, пренесува Anadolu Agency (AA).
Десетици студенти од универзитетот „Бирзеит“ во Рамала, на Западниот Брег, одржаа демонстрации во Бејт-Ил, место контролирано од Војската на Израел.
Израелските војници користеа пластични куршуми и солзавец за да ги растераат палестинските студенти, кои го блокираа патот до воениот контролен пункт со камења и запалени пневматици. Студентите одговорија на пластичните куршуми со фрлање камења врз израелските војници.

Од палестинските и израелските власти нема информации во врска со судирите.
Претседателот на Здружението на палестинските затвореници, Кадура Фарис, во вчерашната изјава за дописникот на АА истакна дека според првите информации што стигнале до нив, палестинскиот затвореник Наср Такатка утрото го загубил својот живот во израелскиот затвор „Нитзан“.
Здружението на палестинските затвореници денес соопшти дека 31-годишниот палестински затвореник Такатка починал како резултат на тортура во затворот „Нитзан“ во градот Ремле.
Палестинецот Наср Такатка беше приведен од својот дом во Витлеем минатиот месец. Според информациите добиени од семејството, Наср немал никакви здравствени проблеми и бил првпат уапсен.