Mohamed Sabry Emam Muhammed
13 Април 2019•Ажурирај: 13 Април 2019
КАРТУМ (АА) - Командантот на суданските сили за брза поддршка (RSP) денеска за време на немирите во Судан повика на формирање на преодна програма на период од три до шест месеци, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението генерал-полковникот Мохамед Хамдан Дагло изјави дека би требало да се воспостави јасна преодна програма, која ќе трае од три до шест месеци, со цел преиспитување на Уставот преку Комитетот, кој ќе ги вклучува сите судански сили.
„Улогата на Воениот совет ќе биде да ја спаси економската ситуација, да ги обезбеди основните потреби на граѓаните и да го надгледува Комитетот за преработка на Уставот“, истакнува Дагло.
Суданската војска во четвртокот, по повеќемесечните протести, го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со Судан од 1989 година.
Војската, исто така основаше Воен совет кој ќе управува со земјата во преоден период од две години.
Дагло одби да се приклучи на Преодниот совет, велејќи дека силите под негова команда ќе продолжат да работат на зачувување на единството на Судан под покровителство на вооружените сили.
„Одлучив да не се приклучувам на Воениот совет додека не се исполнат барањата на народот“, нагласи Дагло денеска.
Во петокот доцна навечер, министерот за одбрана, Ахмед Авад Ибн Ауф, поднесе оставка на позицијата претседател на Воениот совет, а на неговото место е именуван генерал-полковникот Абдел Фатах Бурхан.