Студентски протест во Кембриџ: Барање да се прекинат сите инвестициски врски со израелски компании
- Студентите го започнаа протестот со поставување шатори под познатото Њутново дрво во Тринити колеџ – дрво што е потомок на она под кое научникот Исак Њутн ја открил гравитацијата.

СКОПЈЕ (АА) - Студенти од Универзитетот Кембриџ денес започнаа протест барајќи универзитетот да ги прекине сите инвестициски врски со израелски компании, како и со компании што го поддржуваат Израел или ѝ продаваат оружје на оваа држава, јавува Анадолу.
Студентите го започнаа протестот со поставување шатори под познатото Њутново дрво во Тринити колеџ – дрво што е потомок на она под кое научникот Исак Њутн ја открил гравитацијата.
Како одговор управата на универзитетот постави дрвени панели и барикада со церада околу дрвото, со цел да се блокира погледот кон протестот и да се изврши притисок врз студентите да ја прекинат акцијата.
По оваа интервенција студентите ги демонтираа шаторите и го продолжија протестот на нова локација – во дворот на колеџот Сент Џонс.
Минатиот месец колеџот Кингс во Кембриџ стана прва институција од Оксбриџ (Оксфорд и Кембриџ) што се обврза целосно да се повлече од инвестиции вредни милиони фунти во воената индустрија и компании вмешани во нелегалната окупација на Палестина.
Овие протести се дел од пошироко движење за солидарност со Палестина, поддржано од студентски активистички групи што речиси една година вршат континуиран притисок врз универзитетските управи.
Од октомври 2023 година Израел спроведува разорна офанзива во Појасот Газа и ги отфрла меѓународните повици за прекин на огнот, а досега се убиени речиси 54.500 Палестинци, најголем број жени и деца. Хуманитарните организации предупредуваат на ризик од глад за над 2 милиона жители во енклавата.
Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, обвинувајќи ги за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со постапка за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, поради дејствата против цивилното население во енклавата.