Ömer Tuğrul Çam
22 Март 2021•Ажурирај: 23 Март 2021
БРИСЕЛ
Генералниот секретар на Северноатлантскиот сојуз (НАТО), Јенс Столтенберг, ги обвини властите на Русија дека во последните години имаат агресивен пристап кон прашањата во и надвор од земјата и порача дека за државната политика секако е одговорен рускиот претседател Владимир Путин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пресрет на утрешниот почеток на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, Столтенберг денес ја коментираше и неодамнешната изјава на американскиот претседател Џо Бајден, кој неговиот руски колега Путин го нарече убиец и му се закани дека ќе ја плати цената за мешањето во американските избори.
„Воочлив е агресивниот став кон соседите, вклучувајќи ги Грузија и Украина. Тука се и мешањата во внатрешните работи на членките на НАТО и притисоците на опозицијата во Русија. И тоа не е сè. Секако дека за државната политика е одговорен рускиот претседател Владимир Путин. Гледаме модел на агресивен пристап, вклучувајќи ги и обидите за убиства на опозиционерите. Во НАТО сме посебно загрижени со вестите дека Русија понудила награди за убивање на нашите војници во Авганистан. Тоа не е прифатливо однесување. Ние ќе продолжиме да бидеме цврсти и силни, а ќе го продолжиме и паралелното јакнење на нашите одбранбени капацитети и канали на дипломатскиот дијалог“, изјави Столтенберг.
Укажувајќи на особено важната улога на НАТО во зачувувањето на безбедноста во Европа, Столтенберг изјави дека тој факт го прифатила и Европската Унија.
Речиси 90 отсто од популацијата на ЕУ е воедно и популација на НАТО, а Столтенберг изјави дека ЕУ сочинува цели 20 отсто од буџетот на НАТО.
„Делумно станува збор за финансии, но има и географски фактор. Исланд на север, Турција на југ, и САД, Велика Британија и Канада на запад граничат со ЕУ. Сите овие земји се од клучно значење за заштита и одбрана на Европа“, рече Столтенберг.
Тој предупреди дека какво било нарушување на трансатлантските врски ќе значи слабеење на НАТО, додавајќи дека тоа ќе доведе и до поделба на Европа.
Претстојниот состанок на шефовите на дипломатија на членките на НАТО е увертира за самитот на лидерите на таа организација, што оваа година ќе се одржи во Брисел, а Столтенберг изјави дека главни предизвици пред НАТО претставуваат дестабилизирачките активности на Русија, растот на Кина, климатските промени, заканата од тероризмот, развиените кибернапади и опасните технологии.
Една од темите на состанокот ќе биде и договорот што САД го постигнаа со талибанското движење, а кој предвидува страните на вооружените сили од Авганистан да се повлечат до мај.
„Моментално во Авганистан сите опции се на маса. Безбедносната ситуација во таа земја е тешка. Ќе направиме сè што е потребно да ги заштитиме нашите војници“, порача Столтенберг.