Şerife Çetin
26 Април 2018•Ажурирај: 27 Април 2018
БРИСЕЛ (АА) - Министрите за надворешни работи на 29 земји-членки на НАТО, на 28 април ќе се сретнат на Самитот во Брисел, разгледувајќи повеќе теми, како што се прашањата за Русија, Сирија, иранскиот Нуклеарен договор, ирачката Мисија за обука и Западниот Балкан.
По повод Самитот на министрите за надворешни работи на НАТО, кој ќе трае еден ден, изјава даде Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој соопшти дека НАТО се подготвува да се префрли во ново седиште, додавајќи дека состанокот на министрите за надворешни работи, ќе биде последна средба што ќе се одржи во старото седиште на НАТО.
Столтенберг истакна дека една од главните точки на дневниот ред на состанокот ќе биде опасното однесување на Русија, додавајќи дека со единство во заедничка одлука на членките, НАТО ќе даде одговор на таквото однесување.
„Русија продолжува со својот став на закани и интервенции кон земјите-членки на НАТО“, рече Столтенберг, истакнувајќи дека министрите за надворешни работи ќе ги претстават своите гледишта какви превентивни мерки треба да се преземат.
- Средниот Исток и Северна Африка на дневен ред -
Столтенберг изјави дека во продолжение на состанокот, ќе биде разгледан развојот на настаните на Блискиот Исток и Северна Африка, и дека ќе се разменат мислења околу моменталната ситуација во Сирија, иранскиот Нуклеарен договор, како и за Мисијата за обука која треба да започне во Ирак.
Генералниот секретар на НАТО рече дека на дневен ред на состанокот во Брисел ќе биде ставен и Западен Балкан, потсетувајќи на политиката на отворена врата што ја води НАТО. Столтенберг рече дека во тие рамки ќе биде разгледан развојот на Македонија, Босна и Херцеговина, Грузија и Украина, земји кои сакаат да станат членки на НАТО.
На прашањето каква би била реакцијата на Русија доколку Македонија стане членка на НАТО, Столтенберг одговори дека сите суверени земји имаат право самостојно да го изберат сопствениот пат. Столтенберг рече дека Русија има за цел да ги контролира земјите кои се под нејзино влијание, нагласувајќи дека тоа е став кој е во спротивност со пристапот на НАТО.
На прашањето за иранскиот Нуклеарен договор, Столтенберг потсети дека НАТО даде поддршка кога тој започна да се спроведува во 2015 година. Столтенберг истакна дека постои одредена загриженост за некои теми кои ги опфаќа иранскиот Нуклеарен договор, посочувајќи дека не може да се игнорираат иранската Балистичка ракетна програма и дестабилизирачката улога што Иран ја има во регионот.