Handan Kazancı
26 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Комисијата НАТО - Украина ќе заседава денес во врска со новонастанатите конфронтации помеѓу Киев и Москва, откако Русија заплени три брода на Украинската морнарица во Азовското Море, пренесува Anadolu Agency (AA).
„По барање на (украинскиот) претседател Порошенко, генералниот секретар се согласи да свика вонреден состанок на Комисијата НАТО - Украина на амбасадорско ниво во Брисел попладне, за да разговара за новонастанатата ситуација“, истакна преку соопштение генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Се додава дека Столтенберг и Порошенко разговараа во текот на денот за инцидентот во Азовското Море и Керченскиот Проток.
„Генералниот секретар ја изрази целосната поддршка на НАТО за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вклучувајќи ги и нејзините целосни навигациски права во нејзините територијални води според меѓународното право“, се додава во соопштението.
Американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, вчера на Твитер напиша дека вонредниот состанок на Советот за безбедност е презакажан за денес.
Русија вчера заплени три брода на Украинската морнарица недалеку од полуостровот Крим во Азовското Море, по отворањето оган врз нив.
Од руска страна истакнаа дека бродовите ги игнорирале повиците да застанат на граничната линија.
Украина соопшти дека шестмина од персоналот на бродовите се повредени во рускиот напад, од кои двајца сериозно.