Ömer Tuğrul Çam,Şenhan Bolelli
29 Јуни 2022•Ажурирај: 29 Јуни 2022
МАДРИД (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска на Самитот на НАТО ги најави историските одлуки во врска со поканата за членство на Шведска и Финска, усвојувањето нов документ за стратешки концепт, зајакнувањето на претпазливоста и одбраната и зајакнувањето на поддршката за Украина, јавува Агенција Анадолија (AA).
Столтенберг даде изјава за медиумите пред сесијата на Самитот на НАТО во Мадрид, Шпанија.
„Денеска ќе донесеме историски одлуки“, рече Столтенберг, кој додаде дека документот за Стратешкиот концепт усвоен на Самитот во Лисабон во 2010 година, ќе биде изменет.
Тој додаде дека во таа верзија на документот не се споменува Кина и Русија како стратешки партнер. Нагласи дека во денешниот документ ќе се наведе дека Русија е директна закана за безбедноста на НАТО, а Кина претставува предизвик за вредностите и интересите на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО истакна дека одбраната ќе биде засилена.
Тој додаде дека очекуваат силите со висока готовност, кои би можеле да се состојат од 300.000 војници, да бидат готови следната година и дека овие единици ќе бидат подготвени во нивните земји, а трошоците ќе ги финансираат разни сојузнички земји.
Тој, исто така, посочи дека откако Турција, Финска и Шведска вчера потпишаа трилатерален Меморандум, денеска ќе биде донесена одлука да се поканат Шведска и Финска за членство.
Тој потсети дека се работи за брз процес, штом двете земји аплицираа за членство на 18 мај, а во рок од неколку недели добиваат покана за членство.
Понатаму додаде дека за членство е потребно одобрение од парламентите на 30 сојузници на НАТО и дека не може да предвиди колку долго ќе трае процесот на одобрување.
Столтенберг рече дека денеска на Самитот на НАТО ќе биде постигнат договор за пакетот поддршка за Украина, како и многу други прашања, вклучувајќи ги климатските промени и кибербезбедноста.