Abdula Berisha
15 Октомври 2024•Ажурирај: 16 Октомври 2024
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денес во Берлин оствари средба со сојузната министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, пренесува Анадолу.
Како што соопштуваат од македонското МНРНТ, фокусот на разговорите на средбата беше на одличните политички и економски односи помеѓу двете земји и цврстото партнерство во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.
Исто така, било разговарано за поддршката на Германија на евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за други актуелни теми од регионален и европски безбедносен аспект.
Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка и ангажманот на Германија за досега постигнатиот напредок на патот кон ЕУ, како и за посветеноста на Германија за забрзување на целокупниот процес на интегрирање на земјите од Западен Балкан, особено во рамки на иницијативата на Берлинскиот процес.
„Германија е предводник на европската перспектива на нашата земја и на целиот регион, а силниот фокус на спроведување на реформите останува во центарот на пристапот на новата влада“, нагласи Муцунски.
Тој исто така истакна дека Германија е клучен политички и економски партнер на Северна Македонија и еден од најголемите трговски партнери во годините наназад.
На средбата и во рамките на прес-конференцијата, министерот Муцунски изрази убедување дека деблокадата на евроинтегративниот процес преку одржување на втората меѓувладина конференција и итен почеток на преговорите не само што ќе ја зајакне европската реформска агенда во регионот, туку ќе го направи и многу поотпорен на влијанијата од трети земји.
Како што стои во соопштението, говорејќи за европската перспектива на Северна Македонија, германската министерка Бербок ја истакна важноста на обединета Европска Унија која нема да биде блокирана од поединечни земји членки.
„На нас како Германија ни е посебно важно да напредуваме во квалификуваното мнозинство, а не само во едногласното одлучување, што би значело дека во пристапниот процес би можеле да одлучуваме со мнозинско, а не едногласно одлучување“, нагласи Бербок во својата изјава.
Потенцирајќи ја силната поддршка од Германија и фактот дека македонската Влада посветено напредува во реформскиот процес, германската министерка Бербок ја спомена важноста на реформите во правосудството, борбата против корупцијата и зајакнување на правната држава.