Övünç Kutlu
28 Март 2018•Ажурирај: 28 Март 2018
ЊУЈОРК (АА) - Соосновачот и извршниот директор на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook), Марк Закерберг, одлучи да сведочи пред Конгресот на САД во врска со најголемиот пропуст со приватните податоци на корисниците на мрежата, кој некогаш се случил во историјата на компанијата, се вели во медиумските извештаи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Извори од социјалната мрежа-гигант велат дека Закерберг ќе сведочи за неколку недели, додека компанијата работи на стратегијата за неговото сведочење, се известува од „CNNMoney“.
Подготвеноста на извршниот директор може да го отвори патот на другите извршни директори на Гугл (Google) и Твитер (Twitter) да се појават пред Конгресот.
Претседателот на Комитетот за правосудство на американскиот Сенат, Чак Грејсли, во понеделникот официјално упати покана до Марк Закерберг, до извршниот директор на Гугл (Google), Сундар Пичаи, и до извршниот директор на Твитер (Twitter), Џек Дорси, на 10 април да дојдат на сослушување во врска со пропустот со приватните податоци на корисниците.
Федералната комисија за трговија на САД (FTC) во понеделникот објави дека го испитува ваквиот случај на користење на приватните податоци без согласност на 50 милиони корисници на Фејсбук (Facebook) од страна на британската компанија „Cambridge Analytica“.
Закерберг претходно беше повикан од британските пратеници на сведочење во Лондон, но рече дека на сведочењето ќе ги испрати неговите заменици наместо него.
Цената на акциите на фирмата падна на најниско ниво од 154,80 долари по акција, со дневна загуба од 3,2 отсто. Пазарната вредност на Фејсбук (Facebook) е намалена за 16,3 отсто од 19 март, првиот ден по објавувањето за пропустот со приватните податоци на корисниците на социјалната мрежа.
Акциите на социјалната мрежа Твитер (Twitter) и на матичната компанија на Гугл (Google), наречена Алфабет (Alphabet), вчера, исто така се намалија за 9 отсто, односно 1,7 отсто, во текот на вчерашниот ден.