Murat Karadağ
20 Октомври 2018•Ажурирај: 21 Октомври 2018
КЕЈПТАУН (АА) - Во покраината Лимпопо, сместена во северниот дел на Јужноафриканската Република, се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загубија 28 лица. Шлепер кој излегол од контрола, ги прегазил автомобилите од другите ленти, јавува Anadolu Agency (AA).
Според информациите објавени во локалните медиуми, шлепер натоварен со цемент, кој се движел кон покраината Гуатенг, поради експлозија на предната гума, преминал на соседната лента. Шлеперот прегазил неколку автомобили што доаѓале од спротивниот правец, при што возачот на шлеперот се спасил, а дел од автомобилите се запалиле.
Изјава за медиуите даде портпаролот на полицијата, Моатше Нгоепе, кој соопшти дека во несреќата животот го загубиле 28 лица, од кои 2 деца, додавајќи дека во несреќата се спасени само 4 лица.
Нгоепе за настанот рече „Откако пукнала предната гума на шлеперот кој пренесувал цемент, возачот на возилото ја загубил контролата и тоа преминало на соседната лента, прегазувајќи ги возилата што се движеле од спротивна насока. Нема ниту еден преживеан од минибусот со 22 патници во кој удри шлеперот. Заедно со настраданите во другите возила, вкупниот број на загинати изнесува 28 лица.“
Патот е затворен за сообраќај, а против возачот на шлеперот е започната истрага, под обвинение за намерно убиство.
Во тек се процедури за идентификација на загинатите во несреќата.