Tolga Albay
20 Декември 2018•Ажурирај: 23 Декември 2018
ИЗМИР (АА) - ТОЛГА АЛБАЈ - Турските фирми од градежниот сектор се стекнаа со углед преку изградбата на голем број импозантни објекти низ светот, а моментално се во голем подем и фирмите кои се занимаваат со рушење на големите објекти, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот експерт за рушење на објекти, Мехмет Ѓулер, веќе стана главна ѕвезда со неколку документарни филмови, кои се снимени за неговите деловни подвизи.
Меѓу останатото, светската слава ја стекна со успешното минирање и рушење на гасоводот од 1,8 километри во Коња и со рушењето на мостот „Османгази“, кој е миниран на длабочина на морето од 26 метри. Уште една од успешните работи на Ѓулер беше и рушењето на комплексот на фабриката за брашно во ирачка Сулејманија која сочинуваше 64 силоси со висина од по 40 метри и главен објект со висина од 55 метри.
Челникот на компанијата „Ege Nitro“ моментално работи на подготовка на нов подвиг, а станува збор за рушење на комплекс кој се состои од 75 силоси со дијаметар од 9 и висина од по 45 метри, и главна зграда со висина од 55 метри.
Во разговор со новинарот на Anadolu Agency (AA), Ѓулер рече дека планира рушењето на комплексот во јорданскиот пристаништен град Акаба да го изврши во последната недела од оваа година.
„Само што ги завршивме сите работи за подготовка и дадовме гаранција дека во една експлозија со земја ќе го срамниме целиот компекс“, изјави Ѓулер, и додаде дека таа работа ја нарачала јорданската Влада и дека јорданскиот крал Абдулах II ќе го притисне копчето за активирање на експлозивот.
Тој истакна дека со прецизни инженерски пресметки во комплексот се направени вкупно 9.535 издупчини кои ќе бидат исполнети со динамит.
„Тоа ќе биде првпат во светот, за рушењето на некој објект да се користи тон експлозиви. Претходно се рушени и поголеми објекти, како стадиони во Америка, но никогаш не беше користено толкаво количество експлозив“, изјави Ѓулер.
Тој појасни дека временските услови ќе го диктираат терминот на рушењето, бидејќи ќе чекаат ветер од северниот дел за да не се надвијат над градот облаци од прашина, туку да отидат кон пристаништето во кое ќе биде запрена пловидбата.
На прашањето за тајните на успехот на неговата компанија на глобално ниво, Ѓулер изјави дека на деловните партнери секогаш им дава гаранција дека објектот ќе биде срушен, а дека тоа не е случај со конкурентските компании.