Sinan Doğan
30 Ноември 2021•Ажурирај: 02 Декември 2021
БОГОТА
Со официјалното прогласување република, во островската земја Барбадос на Карибите заврши 396-годишното владеење на Британското Кралство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На 30 ноември, кога се слави Денот на независноста на земјата, 72-годишната Сандра Мејсон положи заклетва на церемонија во главниот град Бриџтаун, и е избрана за прва жена шеф на државата Барбадос.
Во Барбадос, републиката е прогласена со церемонија на која присуствуваше британскиот престолонаследник, принцот Чарлс, а со тоа и официјално беше отстранета кралицата Елизабета Втора како шеф на државата.
На принцот Чарлс, кој беше почесен гостин на церемонијата, од страна на премиерката му беше врачен „Орден на слободата на Барбадос“.
- Орденот за Чарлс предизвика реакција
Кристина Хајндс, професорка по Меѓународни односи на Универзитетот „Вест Инди“ , критикувајќи го доделувањето на орденот на Чарлс, рече: „Британското кралско семејство е извор на експлоатација во овој регион и досега ниту се извини, ниту пак, понуди надомест за штетата.“
- „Граѓаните на Барбадос сакаат претседател од Барбадос“
Во интервју за „Би-би-си“ (BBC), премиерката на Барбадос , Миа Мотли, наведувајќи дека напуштањето на кралското семејство е „историски“ настан за регионот, рече:
„Граѓаните на Барбадос сакаат претседател од Барбадос, тоа е израз на доверба во тоа кои сме и што можеме да постигнеме. Време е целосно да го оставиме нашето колонијално минато зад нас.“
- Која е Сандра Мејсон?
Сандра Мејсон е родена во Барбадос на 17 јануари 1949 година во областа Сент Филип, дипломирала право на Универзитетот „Вест Инди“ (UWI), единствениот јавен универзитет во земјата, во 1973 година.
Во 1975 година Мејсон ја започнува својата кариера како адвокатка, а по некое време работи и како наставничка. Таа на 8 јануари 2018 година како генерален гувернер на Барбадос е избрана за претставничка на кралицата.
Мејсон, во својата изјава на 16 септември 2020 година, рече дека сакаат да престанат да ја признаваат Елизабета Втора за шеф на државата и да ја прифатат републиката како форма на владеење во земјата од следната година.
- Имаше прилив на туристи на островот до почетокот на епидемијата
Островот, кој има светски познати плажи и е познат како родно место на суперѕвездата Ријана, привлекува внимание како еден од најбогатите острови во регионот со население од приближно 285.000 жители.
Барбадос е сериозно погоден од епидемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19), бидејќи неговата економија е силно зависна од туризмот.
Во просек, повеќе од 1 милион странци ја посетуваа земјата секоја година до почетокот на епидемијата.