Gorana Jakovljevic
21 Ноември 2024•Ажурирај: 21 Ноември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Словачкиот премиер Роберт Фицо денес во Белград изјави дека ескалацијата на тензиите меѓу Русија и Украина е пред сѐ доказ дека нема интерес за што поскоро завршување на воениот конфликт во Украина, јавува Анадолу.
„Мислам дека тактиката на борба против Русија до последниот Украинец ќе биде неверојатно болна за Украина“, истакна Фицо.
Според неговите зборови, некој мисли дека ако живее во Велика Британија или Франција или Соединетите Американски Држави, дека е заштитен со таа дистанца од конфликтот што ги мачи сите.
„Ние не сме заштитени со ова растојание, Украина е непосреден сосед на Република Словачка и без двоумење, како претседател на Владата, ја отфрлив одлуката на американскиот претседател Џо Бајден, која води до одобрување за употреба на ракетите со долг дострел од Украина врз цели на суверена територија во Руската Федерација“, рече тој.
Додаде дека Словачка како мала земја нема можност да влијае на одлуките на американскиот претседател, но оти верува дека многу силните предизборни изјави на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе доведат до различна динамика на преговорите меѓу Соединетите Американски Држави и Руската Федерација при барањето такви начини за ставање крај на овој конфликт.
„Не може едниот да добива сè, а другиот да не добива ништо. Ја отфрлам оваа ескалација на тензиите и тоа е доказ дека Западот нема интерес да го прекине овој конфликт“, нагласи Фицо.