Eshat Fırat
06 Февруари 2017•Ажурирај: 07 Февруари 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот министер за внатрешни работи, Арие Дери се најде на удар на критиките во јавноста, откако во објавеното видео се открива дека во текот на изборната кампања користел кромид за да сними една емотивна порака до гласачите, јавува Anadolu Agency (AA).
Израелската телевизија „Канал 2“ објави снимка којашто открива како министерот Дери, претседател на израелската партија Шас, во текот на изборната кампања во 2015 година на очите трие црвен кромид за да ја сними пораката до гласачите, каде што „расплакан“ зборува за претходниот починат лидер на партијата Шас, Раби Јосеф.
На снимката се гледа како Дери со насмевка вели дека никој не може да пушти солза и да заплаче, колку и да се труди, и тогаш од пријателот зема кромид и го трие на очите, по што е снимена видеопораката до гласачите во која тој „расплакан“ зборува за основачот на партијата и за нејзиниот претходник Јосеф.
Дери во почетокот на 90-тите години на минатиот век ги извршувал функциите министер за внатрешни работи и министер без ресор, а поради корупција во 2000 година заврши во затвор и таму остана 22 месеца, од вкупно три години, на колку што беше осуден.
Лидер на партијата Шас стана во 2013 година, а во 2015 година, исто така беше министер за економија на Израел.