ЛОНДОН (AA) - Хасан Есен
Терористичката организација ФЕТО, одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули во 2016 година, но која е и длабоко вмешана во разни измами, кражби на прашања од државни тестови, случаи со уценување преку видеоснимки со експлицитни содржини, во последните години ги измамувала и своите припадници, јавува Агенција Анадолија (АА).
Хакан Шукрур, поранешен фудбалер и припадник на ФЕТО пребегнат во Соединетите Американски Држави (САД), сподели видеоснимка во која отворено рече дека го измамиле пријатели на кои им верувал.
„Во текот на животот во Америка многу нешта доживеав, дури и измама од пријатели во кои имав многу доверба“, рече тој, со што откри дека истата ситуација се проширила на целата терористичка организација.
Ахмед Донмез, новинар на затворениот весник „Заман“, во текст на приватна интернет-страница напиша дека во САД, Велика Британија, Германија и Полска, многу луѓе се измамени од припадници на оваа организација во која имале голема доверба.
Во текстот се наведува дека оние кои пребегнале во странство се измамени на тој начин што припадниците на ФЕТО, на кои им верувале, им земале пари со ветување дека ќе им најдат соработници, ќе отворат бизнис и ќе им помогнат во текот на инвестирањето.
- Жалењето кај „шефот“ не успеа
Истакна дека подоцна се уверил дека луѓето кои говореле „некои работи тргнаа лошо, банкротиравме“, „пропаднавме“, всушност, говореле за лажен банкрот, а парите им се префрлувани на некои други компании.
Додека во различни земји се водат жестоки расправии помеѓу жртвите и челниците на оваа терористичка организација, во САД се забележани и случаи на бунт, при што некои се обратиле и до судовите, дури и поднеле тужби за измама.
„Некои целата ситуација лично му ја пренеле и му се жалеле на Фетула Ѓулен. Меѓутоа, ситуацијата не се смени“, напиша Донмез во текстот.
- „Ја цицаат крвта како вампири“
Во текстот се наведуваат и мислења на некои луѓе, кои исто така доживеале измама.
Трговец, чие име не е објавено, а на кого исто така му зеле пари, рече дека е формирана одредена мрежа во која на луѓето им земаат пари.
„Како вампири ја цицаат крвта на колегите кои од Турција дошле со многу малку капитал“, рече тој и нагласи: „Лично ме измами човек кој тука е претседател на здружение на стопанствениците.“
Во текстот уште се наведува дека „бизнисмен со многу високи референци“ во Англија, инаку припадник на оваа терористичка група, по 15 јули во две години собрал 6 милиони фунти кои не ги вратил, кажувајќи дека банкротирал.
Се наведува дека еден припадник на ФЕТО во Полска, околу 5-6 милиони долари, кои ги собрал од припадниците на организацијата кои дошле од Турција, на крајот морал да ги предаде на мафијата.
- Измамниците во седиштето на ФЕТО ги дочекуваат како уважени гости
Припадниците на организацијата, кои биле измамени или сведочеа за тоа, почнаа своите искуства отворено да ги споделуваат преку социјалните мрежи.
Еден од нив е и Фуат Сари кој отворено рече дека е жртва на некои луѓе од ФЕТО.
„За жал, една од тие жртви сум и јас. Мојата приказна е за вистинска измама. Поради тоа на крајот и го напуштив Њујорк“, напиша на социјалните мрежи и детално опиша за што се работи.
Не го наведе името на лицето кое го измамило, но напиша дека се работи за личност блиска до водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, а кој во седиштето во Пенсилванија го дочекуваат како уважен гостин.
Уште еден припадник на организацијата рече дека е измамен на тој начин што сите пари му ги зел некој измамник кој му го препорачал пријател од оваа организација.
- „Сега го покажавме нашиот вистински карактер“
Уште еден корисник на социјалните мрежи по име Ваволи, потсетувајќи дека е измамен Хакан Шукур, напиша дека во таа организација тогаш обичните луѓе би ги измамиле без многу размислување.
„Нашите надредени, штом ова му го направија на Хакан Шукур, кој со години пружаше секаков облик на поддршка на организацијата, кој остана со движењето, оставајќи ја кариерата и кого лично го сакал и Ф. Г. (Фетула Ѓулен), тогаш и кон нас, обичните луѓе, воопшто не би имале милост“, гласеше неговиот коментар.
Еден друг корисник напиша дека овие и сличните измами го покажале вистинскиот карактер на луѓето во оваа организација.
„Сега го покажавме нашиот вистински карактер. Ајде да видиме какви сме ние?“, рече тој.
- „Собраните пари ги префрлиле на своите сметки“
Корисник по име „Дрхајдарбледа“ истакна дека ваквите работи во рамките на организацијата се спроведуваат на системски начин.
Уште еден корисник, Хасан Чајли, напиша дека некои членови на организацијата, дури и пред обидот за државен удар, со години, парите кои ги собирале во таа организација, ги префрлувале на своја сметка. Истакна дека некои земале пари кои се собирани за потребите на џамија или за некои други активности и запраша како пребегнатиот Екрем Думанли можел за еден привезок за клучеви да даде 750 долари и 1.500 долари за пенкало.
- Заработуваат од криумчарите
Измамите на оваа организација не се вршат само со ветувања за започнување бизнис.
На социјалните мрежи се наведува и дека некои луѓе од организацијата земаат пари од припадниците на ФЕТО, кои сакале да избегаат во странство со ветување дека ќе им помогнат да добијат лажен пасош, а повторно одредени лица заработуваат и од криумчарење со луѓе, додека постојат и случаи кога на припадниците на организацијата кои пребегале во Грција им изнајмуваат куќи по цена која е многу повисока од реалната вредност.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за државен удар во Турција во ноќта на 15 јули во 2016 година. Станува збор за терористичка организација чиј лидер е Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција официјално побарала од САД.
Припадниците на оваа терористичка организација со години, со местење на испитите напредувале во службата, инфилтирајќи се така во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, припадниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обиделе да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид за државен удар на терористите на ФЕТО, кој го изведоа офицери кои ФЕТО ги инфилтираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа и турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251 лице, а ранети се околу 2.200 лица.