Burak Bir
07 Октомври 2019•Ажурирај: 07 Октомври 2019
АНКАРА (АА) - Терористичката организација ЈПГ/ПКК ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) за неисполнување на своето ветување со одлуката за повлекување од подрачјето источно од реката Еуфрат во Сирија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„И покрај колапсот на безбедносниот механизам, американските сили не ги исполнија своите обврски и почнаа да се повлекуваат од границата, со што допуштаат регионот да се врати на бојното поле“, напиша Мустафа Бали, таканаречениот портпарол на терористичката организација, на Твитер.
Тој додава дека т.н. Сириски демократски сили (СДС), предводени од ЈПГ, се решени да го заштитат североисточниот дел на Сирија.
Таканаречените Сириски демократски сили преку соопштение велат дека повлекувањето на САД ќе влијае негативно на борбата против ДЕАШ.
„Вооружените сили на Соединетите Американски Држави (САД) нема да ја поддржат ниту ќе се вклучат во операцијата; силите на САД, поразувајќи го ДЕАШ, веќе нема да бидат во непосредното подрачје“, се истакнува во соопштението на Белата куќа во однос на долгопланираната операција на Турција во регионот.
Со турските офанзиви „Штитот на Еуфрат“ и „Маслинова гранка“ северозападниот дел на Сирија беше ослободен од терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ, овозможувајќи им на Сиријците кои избегаа од насилствата да се вратат во земјата.
Турција долго време говори за терористичката закана источно од реката Еуфрат во северниот дел на Сирија и спроведување воена акција со цел да се спречи формирање терористички коридор.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и голем број деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК.