Betül Yürük
10 Септември 2019•Ажурирај: 11 Септември 2019
ЊУЈРОК (AA) – По повод почетокот на учебната година, пред седиштето на Обединетите нации (ОН) поставени се 3.758 ученички ранци и направени се симболични гробишта за да се укаже на страдањето на децата во судирите и во војните, јавува Anadolu Agency (AA).
Тоа е проект со кој Фондот на ОН за помош на децата (УНИЦЕФ) сака да го сврти вниманието на децата во вооружените судири и тоа во пресрет на септемврискиот собир на лидерите на Генералното собрание на ОН.
Директорката на УНИЦЕФ, Хенриета Фор, рече дека ученичките торби секогаш биле симбол на радоста и надежта и дека токму затоа се искористени за испраќање на несекојдневно предупредување за страдањето на децата во светот.
Според податоците на Обединетите нации, во текот на минатата година во војните и во вооружените судири низ светот убиени се повеќе од 12.000 деца.