Ekipa
19 Мај 2016•Ажурирај: 20 Мај 2016
ЛОНДОН (АА) - Според извештајот кој Светската здравствена организација (СЗО) го објави денес, очекуваниот животен век во светот се зголемил за околу пет години во последните 15 години. Ова е најголемиот пораст кој е забележан од шеесеттите години наваму, јавува Anadolu Agency (AA).
Најголем пораст на животниот век има во Африка поради подобрувањето во здравствената заштита на децата и поголема достапност на лековите, вклучувајќи ги и оние за маларија и СИДА.
Здравствената организација на Обединетите нации наведува дека на глобално ниво очекуваниот животен век на бебињата родени во 2015 година е 69 години за мажи и 71 за жени, додавајќи дека жените во Јапонија и мажите во Швајцарија имаат тенденција да живеат најдолго, додека Сиера Леоне има најмал животен век за двата пола.
Во извештајот, исто така, се наведува дека се очигледни недостатоците во податоците од некои земји и дека околу половина од сите смртни случаи во светот не се регистрирани.