Burak Bir
08 Декември 2023•Ажурирај: 12 Декември 2023
ЛОНДОН (АА) - Шефот на Светската здравствена организација (СЗО) изрази загриженост за илјадниците пациенти, цивили и здравствениот персонал во Појасот Газа, и рече дека единствениот начин да се заштитат е со итен прекин на огнот, јавува Анадолу.
Тедрос Аданом Гебрејесус нагласи дека СЗО вчера доставила залихи за одделот за итна помош во Европската болница во Газа и медицинскиот комплекс Насер во јужниот дел на Газа за потребите на 4.500 пациенти.
Истакнувајќи дека тоа е прва мисија за испорака од 29 ноември, шефот на СЗО нагласи дека никаде во опколената енклава не е безбедно.
„Ние сме крајно загрижени за илјадниците пациенти и здравствени работници. Единствениот начин да ги заштитиме е прекин на огнот. СЕГА“, напиша Гебрејесус на платформата X.
Во друга објава, тој истакна дека извештаите за минималното функционирање на болницата Ал-Авда во северна Газа која е под опсада се „исклучително загрижувачки“.
„Сè уште има пациенти и здравствен персонал внатре во установата, кои мора да бидат заштитени. Повикуваме на итен прекин на огнот“, додаде тој.
Израел ја продолжи својата воена офанзива против Појасот Газа на 1 декември по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза со палестинската група на отпорот Хамас.
Во немилосрдните воздушни и копнени напади врз енклавата од 7 октомври загинаа најмалку 17.177 Палестинци, а над 46.000 се повредени.
Според официјалните податоци, билансот на загинати во Израел, во нападот на Хамас, изнесува 1.200.